Кратко потсетување за историјата и значењето на Божиќната пештера
Божиќните пештери, познати и како Божиќни вертепи или јасли, се традиционален елемент во празнувањето на Рождеството Христово во православните земји. Тие на еден непосреден и лесно приемчив начин го прикажуваат настанот на Раѓањето на Господ и Спасителот наш Исус Христос, онака како што тој е опишан во Светото Писмо на Новиот Завет. Всушност, Божиќните пештери произлегле од иконографските претстави за Рождеството Христово и на некој начин претставуваат едно свечено украсување на иконата на Рождеството, па затоа, според традиционалната пракса, во самата пештера е положена празнична икона.
Традицијата на изработување на Божиќни пештери и најавувањето на празникот Рождество Христово со нив потекнува уште од Средниот век и според научните истражувања фатиле длабок корен кај сите православни народи, како дел од свечената атмосфера околу празникот.
Пештерите биле изработувани од различни материјали, вклучувајќи дрво, кора од дрво, камен, трска и сл. Тие обично содржат икона со Богомладенецот Исус, Пресветата Дева Марија, Ангелите, Пастирите, Мудреците, како и пештарата, јаслите и животни каде што се родил Господ.
Божиќните пештери не служеле само како украси за празникот, туку биле и средство за негување на духовноста, потсетник на смислата на празникот и еден вид поттик за достоинствено празнување на Рождеството. Ваквото предание навлегло длабоко во битот на православните народи и до денес останало популарна во земјите како што се Грција, Русија, Србија, Украина и други. Во секоја од овие земји, традицијата со Божиќниот вертеп има свои уникатни карактеристики и варијации, адаптирани според локалните обичаи и културни влијанија.
Оваа богата традиција со Божикната пештера била многу жива во православните земји, но со појавата на комунизмот исчезнала, особено откако била забранета со декрет во Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција (Православный журнал «Фома»: Традиции и история рождественского вертепа, 2014).
Во Македонија, според силното предание што се сочувало и до наши дни, верниците, особено најмладите, пеејќи ги Божиќните каланди го објавувале насекаде со радосно ликување Рождеството Христово, славејќи ја побожно Богомајката и нејзината Света Рожба. Божиќната небесна радост, луѓето ја изразувале на разни начини. Некаде се изработувало украсено бротче, кое ја претставувало Црквата Христова и со него се одело од дом во дом, каде што домаќините принесувале во бротчето разни дарови. На други места Христовото Рождество се објавувало со ѕвезда, која ја означувала Витлеемската ѕвезда што ги водела тројцата Мудреци до Богомладенецот. Овој обичај и денес е запазен во Крушево, а во Струга, пак, се носела и пештера и ѕвезда.
Но, највпечатливо пред Бадник било во Битола и Охрид. Во овие градови, најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја нарекувале „спилеон“, што ја симболизирала Витлеемската пештера. Младите ја изработувале од даски, од кора од дрво, ставале во неа слама и икона од Рождеството Христово и собрани во дружини ја носеле од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна им возвестувале на сите за воплотувањето на Божјото Слово. Во Битола и Охрид, кои некогаш биле примери за христијанската соборност и каде што, поради многубројните цркви и манастири, животот прилегал на вистинска православна заедница, со особена ревност се негувала оваа убава традиција. Можеби и затоа тие беа единствените градови во Македонија каде ваквото навестување на Божиќ се задржало и до наши дни. За слава Божја, од пред десетина години беше возобновена оваа прекрасна Божиќна манифестација, и тоа не само во Битола и Охрид, туку и во други градови од нашата земја, каде што може да се види како многу дечињата, собрани во своите маалa, носат импровизирани пештери, т.н. ’спилеони‘, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила… Самиот збор ’спилеон‘ сведочи за старото, византиско потекло на оваа традиција, бидејќи доаѓа од старогрчкиот збор ’τό σπήλαιον‘, што во превод значи ’пештера‘. Но, за жал, поради губењето на ревноста и врските со преданието, се изгубила духовната димензија и на ова славење, кое произлегувало од светопреданиското православно наследство, и освен што било израз на радосната Божиќна атмосфера, ги поттикнувало жителите и кон дејствително христијанско милосрдие – трудољубивите домаќинки правеле посни колачиња во вид на бебе, како симбол на Богомладенецот, а некои имале обичај да подаруваат и парички, кои подоцна се разделувале на сиромашните семејства и на храмовите Божји.
Всушност, воскреснувањето и обновувањето на старите и суштински православни празнични обичаи, значи и возвишување на човечкиот дух и негова подготовка за достоен пречек на раѓањето на Витлеемскиот Богомладенец, единствениот вистински Спасителот на светот; значи и продолжување на апостолската мисија за постојана и предана проповед на вистинските и вечни вредности, кои произлегуваат од Христовото Евангелие и од светото Предание, а од кои верниот народот со текот на времињата, поради разни причини се одделил.
Освен зачуваното предание кај нас и сведочењето на постарите, за прекрасната традиција со Божиќните пештери во Македонија се напишани и повеќе научни реферати, како на пример:
– Вера Стојчевска Антиќ, „Тројцата мудреци од исток и раѓањето на Исус Христос во македонските народни обичаи и песни“ , во зборникот: Меѓу книжевен текст и фолклор, Скопје 1978: Студентски збор, 87–103.
– Миодраг Матицки, „Вертепите како особен вид граѓанска поезија“, во зборникот: Спектар, бр. 9, Институт за македонска литература, Скопје 1987.
– Катерина Петровска-Кузмановска, „Вертепот во македонската и во украинската традиција“, во зборникот: Украинско-македонски научен зборник, број 5, Киев 2011, 130-135.
– Катерина Петровска-Кузмановска, „Вертепот во македонската и во украинската традиција“, во зборникот: Афирмација, продлабочување и проширување на вековните културни врски меѓу Р.Македонија и Р.Србија, Битола 2016: 345 – 354.
За оваа традиција во другите православни земји се составени, исто така, многубројни трудови, од кои ние ги ползувавме следниве:
– Андрей Кулаков, Вертеп, „Живая история: журнал“, Государственный центральный музей современной истории России, № 7, 2015.
– Б. П. Голдовский, Очерк истории вертепа в России, „Традиционная культура: журнал“, № 4, Москва 2003.
– Давидова М. Г. Вертепный театр в русской традиционной культуре, „Традиционная культура: журнал“ Москва 2002.




