Посета на Претседателката Гордана Силјановска Давкова
Во оваа 2025 година, по 15-ти пат беа организирани најмасовните Бадникови поворки, низ 75 населени места во државата. Поворките најсоодветно и во вистински православен дух ја пренесуваа радоста на празникот Рождество Христово до сите нас.
По тој повод, на големо задоволство на целиот македонски народ, нашите распеани дечиња од составот „Златно славејче“, ја посетија многупочитуваната Претседателка на Р. Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска Давкова и со пештера во рацете, пеејќи ја византиската каланда „Вечниот Бог“, го најавија празникот Божиќ и ја исполнија претседателската вила со љубов и радост.
Претседателката, со искрена благодарност ги пречека овие мали предвесници на големата божиќна радост, а потоа, заедно со својата внука присуствуваше на Божиќниот концерт на Плоштадот „Македонија“.
Претседателката ја посети и најубавата и најимпозантна Божиќна пештера во регионот, која потсетува на смиреноста, но истовремено и на величината на настанот што ја промени историјата на човештвото.
Овој настан е вистинско сведоштво за тоа како традицијата, љубовта и радоста можат да ги обединат сите генерации и да го најават Христовото Рождество со срца полни со вера и надеж.



