Добредојдовте на едно незаборавно патување исполнето со Божиќна радост!
Во срцето на Скопје блеска топлината на празничната радост – најголемата и најубавата Божиќна пештера.
Дознајте што ги водеше мудреците и каква порака носи оваа уникатна Божиќна сцена. Нека ѕвездата биде вашиот патоказ до празничната убавина што ја носи Божиќ.
Некогаш одамна, тројца мудреци ги проучуваа појавите на небото. Во своите книги тие беа прочитале дека една ѕвезда, која ќе сјае повеќе од другите ѕвезди и ќе светли дури до краиштата на Земјата, ќе ги одведе до местото каде што ќе се роди некој Божествен Младенец за Кого тие читаа во своите стари книги.
И така еден ден, таа ѕвезда засветли толку многу силно на небото, што мудреците веднаш решија да ја следат. Водени од нејзината светлина тие патуваа долго време, се’ до оној миг додека таа не заблеска чудесно и најсилно над гратчето Витлеем. Мудреците во тој необичен небесен знак препознаа дека тука треба да застанат и да Го побараат Божествениот Младенец за да Му се поклонат.
И така тие стасаа до пештерата каде ја видоа Светата Марија, која Го имаше обвиткано Младенецот Христос во пелени.
А Он, во таа длабока тишина, слатко и мирно си спиеше.




