БОЖИЌНА ПЕШТЕРА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА – Пренеси ја божиќната радост до секое срце!
Драги наши сограѓани,
Со неизмерна радост ви соопштуваме дека од 18-ти декември, во срцето на градот Скопје, на Плоштад Македонија, ќе биде поставена најубавата и најимпозантна Божиќна пештера во регионот, која претставува вистинско ремек-дело на уметноста и традицијата.
Оваа величествена божиќна пештера е изработена според дизајн на г. Ангел Мицевски, кој со својата непресушна креативна визија го осмисли целокупниот проект. Реализацијата, пак, е дело на искусниот вајар, г. Зоран Тошески кој заедно со својата сопруга Македонка, со посебно задоволство ја прифатија идејата за изработка на пештерата, волонтерски посветувајќи се на целиот проект и деноноќно работејќи со огромен труд. Господинот Зоран успеа да создаде дело кое на идните генерации ќе им сведочи за љубовта кон Бога, кон доброто и убавото. За пештерата да блесне во сиот сјај, се погрижи г. Влатко Павловски, кој исто така волонтерски се приклучи кон нашата мисија.
. . .
✨ Генерални помагатели и покровители како на божиќната пештера, така и на овогодинешните Бадникови поворки во Скопје, се почитуваниот градоначалник на Општина Кисела вода, г. Орце Ѓорѓиевски и Премиерот Христијан Мицкоски, чија што несебична поддршка, труд и визија се историски подвиг кој ќе се памети со години.
✨ Не помала благодарност упатуваме и кон Град Скопје, но и кон сите Скопски Општини, кои и оваа година со посебна радост се приклучија кон Бадниковите поворки. Нивната поддршка на нашата мисија за утврдување на православната традиција, создава автентична празнична атмосфера за сите во центарот на градот.
✨ Особено сме им благодарни и на сите наши волонтери и помагатели кои со своето време, труд и ентузијазам ја направија оваа иницијатива возможна. Тие се вистински херои на нашата заедница и дел од најсветлата приказна на оваа празнична сезона.
✨ Ги покануваме сите граѓани, од 19-ти декември да доаѓаат на плоштадот Македонија и да ја посетуваат божиќната пештера, која за сите нас претставува можност за автентично да се подготвиме за празникот на Христовото раѓање.
Да ги отвориме срцата, да се радуваме со нашите најмили, уживајќи во оваа прекрасна глетка, која ќе ги топли душите на сите посетители.
Да ја пренесеме божиќната радост во сечие срце и во секој дом!
Ви посакуваме топли празнични моменти и ве очекуваме на Плоштадот Македонија! ✨



